Екипата од Балеарските острови Мајорка се пласира во полуфиналето во Купот на Шпанија, откако на домашен терен го елиминира најголемото изненадување сезонава во Ла Лига, тимот на Жирона (3-2).
Домаќинот неочекувано лесно речиси целата задача ја реши уште во првото полувреме, во кое дојде до водство со 3-0 и тоа со голот на Ларин и двата на Абдон Пратс, еден од пенал. Во второрото полувреме тренерот Мичел ја ангажира целата артилерија која одмараше . Влегоа Довбик, Коуто и Порту што вроди со плод. Гостите намалија од пенал преку Стуани во 68. минута, веднаш откако Мајорка остана со играч помалку и тоа поради глупоста на Ралило, кој во иста минута доби два жолти картони. Жирона без разлика на играчката надмоќност вториот гол го постигнаСавио дури во 96. минута, поради што драмата во финишот траеше кратко.
На трибините на стадионот во Мајорка беше и славниот тенисер Рафаел Надал, кој ја прослави победата на тимот од неговото родно место. Вечерва за место во полуфиналето играат Атлетик Билбао и Барселона.