Атлетик Билбао се пласира во полуфинале од шпанскиот Куп на кралот, откако во максимално драматичен натпревар дури по продолженија ја совлада Барселона (4-2).
Херои на составот од Баскија беа браќата Инаки и Нико Вилијамс, кои беа стрелци на клучните голови во дополнителното време.
Првиот погоди во 105. минута со малку среќа откако топката по првиот шут му се врати од стативата, додека вториот стави крај на надежите на Каталонците во последната минута од дуелот.
Претходно Гурузета го донесе домаќинот во водство уште во првата минута, за Барса потоа со феноменалниот гол на Левандовски со блок на противничкиот голман и со одличниот удар на Ламин Јамал да направи пресврт за водство по првото полувреме.
Санкет на стартот од второто полувреме го изедначи резултатот на 2-2, а до крајот на регуларниот дел немаше голови. Трагичар во екипатаод „Камп Ноу“ е 16-годишниот Јамал, кој двапати во вториот дел излезе сам пред противничкиот голман, но ги промаши двата зицери, откако неговите удари завршија надвор од рамките на голот.
Атлетик со овој триумф им се приклучи на Реал Сосиедад и на Мајорка, кои претходно обезбедија место во полуфиналето, а последниот полуфиналист ќе биде познат денеска по средбата помеѓу Атлетико Мадрид и Севилја.