Италијанската фудбалска елита е чудна, а показател е поразот на веќе официјалниот шампион Интер на гостувањето кај Сасуоло (0-1) и тоа не толку поради резултатот.
Нераѕурите досега сезонава имаат два порази и тоа двата од Сасуоло, кој воедно грчевито се бори за опстанок во калчо лигата. На ниту еден друг тим не му успеа да дојде до три бода против најдобриот италијански тим. Арманд Лаурентие беше херојот во домашниот тим со гол во 20. минута.
Сасуоло со овие три злато вредни бода остана претпоследен, но сега со ист број бодови со Удинезе, кој е прв под линијата за испаѓање, а на само два до Емполи, Фросиноне и Верона со кои дефинитивно до крај ќе водат тешка борба за опстанок.