Актуелниот шпански шампион Реал Мадрид не успеа триумфално да ја стартува новата сезона во Ла Лига. Тимот на Карло Анчелоти одигра само 1-1 против Мајорка на гостински терен.
Мајорка ги неутрализираше „кралевите“ од шпанската престолнина и се погрижи за првото големо изненадување уште на стартот на Ла Лига, а натпреварот на домаќините беше до толку добар, што на крајот имаа и две шанси за победа во самиот финиш.
Винициус Жуниор уште еднаш покажа дека е еден од главните играчи на клубот, па асистираше до Родриго кој во 13 минута на мајсторски начин погоди во мрежата на Мајорка. Во следните минути, се заканија и Рудигер и Мбапе, но топките минаа крај левиот дирек на голманот Греиф.
Реал Мадрид делуваше бавно, па иако поведе брзо со голот на Родриго, не успеа да го контролира натпреварот.
На почетокот на вториот дел Мајорка израмни со голот на Ведат Муричи во 53.минута. По ова домаќинот одлично се бранеше, а Мбапе, Винисиус, Родриго и останатите не успеаја да пронајдат простор за да го загрозат противничкиот гол.
Во самата завршница, видовме и еден непотребно лош потег од Ферлан Менди, бидејќи Французинот намерно брутално стартуваше на коленото на Муричи и сосема оправдано доби директен црвен картон.