Барселона има големи финансиски проблеми поради кои од година во година е се послаба, но ситуацијата ја спасува надалеку познатата школа Ла Масија која постојано вади вистински бисери од своите редови.
Синоќа против Валенсија, во почетниот состав на „каталонците“ имаше дури тројца фудбалери на возраст од 17 години. Ламин Јамал е веќе со стаж и ѕвезда на шпанскиот фудбал, но покрај него, беа уште двајца родени 2007 година: дефанзивецот Пау Кубарси кој и минатата сезона беше меѓу стандардните и плејмејкерот Марк Бернал. Сите тројца се од школата на Барса и клубот смета на нив за следниот период.
Но, тоа не е се. Вкупно седуммина фудбалери од Ла Масија се појавија синоќа на теренот на Местаља и го дадоа својот придонес во триумфот над Валенсија. Покрај тројцата 17-годишници, заиграа уште 20-годишните Марк Касадо и Алехандро Балде, 22-годишните Жерард Мартин и Пау Виктор.
Мора да се истакне дека во комбинација се уште не се Фермин Лопез и Гави, првиот поради тоа што е на одмор по настапот на Олимписките игри, а вториот поради повреда. Кога и тие ќе се вратат, Барселона ќе има безмалку цела постава од фудбалери од својата школа.