Италија не се пласира на Светското првенство во Катар, па овој период го искористи за пријателски натпревар со Албанија кој го доби со 3-1. Во 90. минута, селекторот Роберто Манчини го претстави Симоне Пафунди, офанзивниот играч за врска на Удинезе, кој настапи на возраст од 16 години и 247 дена и со тоа стана најмладиот дебитант на италијанската репрезентација во последните 100 години.
Пафунди го споредуваат со Лео Меси поради неговите играчки карактеристики и истакнуваат дека тој е префрлен во А селекцијата откако во пет натпревари за италијанската репрезентација до 17 години постигнал четири гола. Покрај тоа, Пафунди досега одигра само 22 минути за Удинезе во Серија А, во победата од 4-0 над Салернитана.
Пафунди не го собори вкупниот рекорд на италијанската репрезентација. Сè уште му припаѓа на Пјетро Антонио Гавинели, кој имаше 16 години и 97 дена кога играше против Франција (2-2) во април 1911 година. Инаку, Пафунди има договор со Удинезе до 2025 година и е соиграч на Илија Несторовски.