Екипата на англискиот шампион Манчестер Сити го одигра заостанатиот натпревар од Премиер лигата против Брентфорд и дојде до значајна победа од 1-0.

После голема борба, единствениот гол го постигна најдобриот голгетер во Премиер лигата, Ерлинг Халанд во 71. минута. Норвежанецот доби одлична топка од Хулијан Алварез, го искористи тоа што еден противнички фудбалер се лизна, излезе сам пред голманот на Брентфорд и рутински го совлада за важни три бода за неговиот тим.

„Граѓаните“ долго се мачеа со солидниот ривал и дури во последната третина од мечот стигнаа до значаен триумф во битката за самиот врв.

 

Брентфорд во првото полувреме прикажа прилично солидна и стабилна игра. Гостите не делуваа како противник за потценување, иако Сити имаше две солидни шанси преку Халанд и Алварез. Домашниот тим беше за нијанса поблизу до гол, но на паузата останаа почетните 0-0.

„Граѓаните“ беа решени да тргнат во посилен налет на почетокот од вторите 45 минути, но Брентфорд повторно „покажа заби“ и не се предаваше лесно пред мотивираниот домаќин. Манчестер Сити тргна во комплетна опсада и конечно го сруши бедемот на гостинскиот тим, преку Халанд.

Сити сега е на втората позиција на табелата со 56 бода, само еден помалку од лидерот Ливерпул. Овие две екипи, заедно со Арсенал до крајот на сезоната ќе водат жестока битка за титулата во Премиер лигата.