Натпреварот започна со мала иницијатива на домашниот тим, но Борусија Дортмунд влезе во ритам и создаде неколку изгледни прилики за гол. Даниел Мален го отвори резултатот во 24. минута, по што следуваше нов налет на ПСВ, но на паузата гостите го задржаа минималното водство, 0-1.
Холанѓаните во вторите 45 минути тргнаа поофанзивно како што и очекуваше домашната публика. Се играше 56. минута кога ПСВ се избори за прилично спорен пенал, а прецизен реализатор беше капитенот Лук Де Јонг. Гостинската клупа протестираше, но одлуката остана на сила и ПСВ израмни на 1-1.
До крајот на пресметката имаше уште по две изгледни шанси на двете страни, се играше доста динамично, но мрежите мируваа и конечниот резултат остана 1-1. Сите опции остануваат отворени во пресрет на реваншот во Дортмунд на тринаесетти март.