Експертскиот тим на УЕФА е составен од големи фудбалски имиња, предводени од италијанскиот мајстор Фабио Капело, а оваа група на стручњаци на секое големо натпреварување ги анализира настапите и после тоа вади клучни заклучоци и анализи околу трендовите во модерниот фудбал.
Покрај Капело во експертскиот тим на УЕФА беа и Партик Бонер и Роби Кин (Р. Ирска), Естебан Камбијасо (Аргентина), Козмин Контра (Романија), Корин Дикре и Жан Франсоа Момерге (Франција), Душан Фитцел (Чешка), Штефант Фројнд (Германија), Франс Хоек (Холандија), Аитор Каранка и Гинез Мелендез (Шпанија), Дејвид Моес (Шкотска), Миксу Пателаинен (Финска), Вили Рутенштајнер (Австрија) и Петер Рудбаек (Данска).
Македонија на своето деби на европската сцена запиша три порази, даде два гола, резултатски можеби разочара кај навивачите, ама покажа дека може да се носи и да им направи проблеми на далеку поискусните и посилни селекции од себе, зашто Австрија нѐ скрши во последните 12 минути, Украина после 2-0 трепереше дали ќе победи (1-2), а Холандија во првиот дел малку и со замижување на ВАР успеа да исчекори кон триумфот (3-0).
“Иако заврши како трета во квалификациите зад Полска и Австрија, а на Евро 2020 стигна преку Лигата на нации, Македонија гордо маршираше на турнирот, иако на себе го носеше ‘товарот’ на аутсајдер. И малкумина нема да се сложат со зборовите на селекторот Игор Ангеловски, кој посочи дека ‘Македонија има квалитет и покажа дека заслужува да е дел од првенството и дека жали што настапот не крунисан со подобри резултати’.
На првиот меч играа во формација 5-3-2 со Адеми како прв пред дефанзивниот бедем, со слобода на Барди и Елмас и Трајковски како партнер на идолот на нацијата Горан Пандев. Солидно се бранеа со дефанзивниот блок во средина, а ја користеа агресивноста на Езџјан Алиоски и техниката на Барди и Елмас и посебно интелигентното движење на Пандев, покрај неговата техника и искуство. Успеаа да израмнат, но примија два гола во финишот кога темпото им падна.
На вториот меч слична приказна во која Украина со два гола го натера Ангеловски да го смени системот во 4-2-3-1, кој донесе 25-минутна доминација, враќање во мечот, но таму застанаа. Против Холандија загубија со 0-3“, стои во еден дел од образложението за настапот на Македонија на Евро 2020“, пишува во делот на извештајот за настапот на Македонија во групата Ц на еврошампионатот.
Според експертите, тактичката флексибилност, менталната цврстина и посветеноста е еден од клучните делови на селекцијата која ја испишѓа најуспешната страница во историјата на македонската репрезентација со самиот настап на шампионатот.
Ова се клучните поенти од заклучокот на техничката комисија за настапот на Македонија на Еуро 2020.
– формација 5-3-2 со трансформација во 4-2-3-1 до 4-4-2
– акцент на дефанзива во својата половина со транзиција во брзи противнапади
– силна поддршка во напад од крилните фудбалери, посебно од Алиоски
– силен дефанзивен фудбалер за врска со добар преглед постојано близу централните стопери
– квалитет во средниот ред, Барди и Елмас додаток на нападот и добро дефанзивно се бранат
– Пандев, прв адут во нападот, лидер, движења, соло продори
– брза транзиција од напад во одбрана со агресивен притисок на фудбалерот со топка
– тактичка флексибилност, посветеност и ментална цврстина како за дебитант на едно големо натпреварување.
Иако се вративме со три порази, два во Букурешт и еден во Амстердам, и експертскиот тим на УЕФА предводен од легендарниот Капело е согласен дека Македонија не разочара на шампионатот, како што посочија и најголем дел од европските медиуми, иако очекувањата на македонската јавност беа многу поголеми од резултатите.