Дожд од голови во Дортмунд, но неочекувано далеку повеќе завршија во мрежата на домаќинот, откако фудбалерите на Баер Леверкузен буквално ја демолираа Борусија (5-2) во меч со многу шанси, кој почна со по еден автогол на двете екипи.
Аканџи прв ја затресе сопствената мрежа за водство на гостите во 11. минута, но пет минути подоцна Фрипонг му врати за услугата на идентичен начин. Потоа следуваше вистинска рапсодија на составот од Леверкузен, кој умешно ја користеше секоја можност за против напад и имаше максимална реализација (пет погодока од седум шута во рамки на голот). Вирц и Андрих уште во првото полувреме ја најавила катастрофата на „милионерите“, за Тах и Диабу во продолжение да донесат огромни 5-1 за Баер, резултат кој само беше намален од Тигес пред крајот на средбата.
Триумфот во Дортмунд ги приближи гостите на пет бода зад второпласираниот денешен ривал, но предизвика и насмевки на лицата кај Баерн Минехн, кој сега ќе остане убедливо прв на табелата во Бундеслигата по 21 одиграно коло и тоа со девет бодови повеќе од Борусија.