Сенегал сериозно ја намачи Холандија, Тунис се покажа како многу жилав, па Мароко е третата африканска селекција која ќе се обиде да земе скалп на фаворит како Хрватска, која со Лука Модриќ како лидер влегува со сериозни амбиции на ова Светско првенство, дури и да направи чекор повеќе од пред четири години во Русија.
Германија после дебаклот во Русија со елиминацијата во групната фаза, тргнува денеска против Јапонија во поход по нова светска слава од 14 часот, со вратена самодоверба со Ханси Флик на клупата после разочарувачкиот настап на Еуро 2020. И сè освен победа за „панцерите“, кои повеќе мислат на политиката и „војната со ФИФА“ за човековите права одошто на мечот, би било сензација за репрезентацијата која на секое големо натпреварување е фаворит за тронот.
Шпанија, без оглед на резултатски разочарувачките настапи на последните турнири, далеку од генерацијата која со „тики-така“ фудбалот доминираше од 2008 до 2012 година, не би требало да има проблем против Костарика за стартна победа. Мечот почнува од 17 часот.
Белгија ќе ја затвори програмата од 20 часот против Канада, еден од тоталните аутсајдери на Мундијалот, па за „црвените ѓаволи“, овој меч треба да биде загревање за вистинските предизвици во групата и пресметките со Хрватска и Мароко за осминафиналето, зашто на последната подготовка пред Мундијалот, ама и во Лигата на нациите, покажаа доста слабости за потенцијалот и квалитетот кој го имаат.
Ова е последна шанса за извонредната генерација да покаже дека може многу далеку, дури и за светска титула, иако Еден Азар не е во најдобрата форма, Ромелу Лукаку е повреден.