Португалскиот напаѓач Кристијано Роналдо веднаш ќе го напушти Манчестер Јунајтед. Одлуката доаѓа по контроверзното интервју во кое 37-годишниот фудбалер го критикуваше клубот и рече дека „нема почит“ за менаџерот Ерик тен Хаг.
Двете страни потврдија дека заминувањето на Роналдо е „спогодбено договорено“.
„Клубот му се заблагодарува за неговиот огромен придонес во двата периоди на Олд Трафорд“, се вели во соопштението на Манчестер Јунајтед.
Роналдо е со Португалија на Светското првенство во Катар и ќе ја предводи како капитен на првиот натпревар од групата Х против Гана в четврток.
Тој имаше нешто повеќе од седум месеци до крајот на договорот со Манчестер Јунајтед, а неговото заминување му остава слободен простор да потпише за друг клуб кога ќе се отвори преодниот рок во јануари.
„По разговорите со Манчестер Јунајтед, заеднички се договоривме предвреме да го завршиме нашиот договор“, се вели во изјавата на Роналдо.
„Го сакам Манчестер Јунајтед и ги сакам навивачите, тоа никогаш нема да се промени. Сепак, чувствувам дека е вистинско време за мене да барам нов предизвик. На тимот му посакувам успех во остатокот од сезоната и во иднина“, истакнува Португалецот.