Популарната „Кобра“ во пресрет на стартот на Србија против првиот фаворит на турнирот, во разговор за регионалната телевизија „Спортклуб“ му порача на Пикси, да им го пушти филмот кој беше вистински хит за првата југословенска репрезентација на првиот Мундијал во историјата, зашто на тоа СП, тогашното Кралство Југославија направи сензација со победата против „кариоките“.
„Знам кои се неопходните чекори за Србија во пресметката со Бразил, а една од нив е да се повтори четивото – задолжително гледање на ‘Монтевидео, Бог те видео’. Ќе се сети Пикси, не морам да му сугерирам. Значи, ‘орли’, трк во сала да видите како се победуваат Бразилците, а друштво може и Драган Бјелогрлиќ да им прави. Само уживајте. Мотивацијата не се доведува во прашање, Србија има супер-напад, не се сомневам Пикси дека силно ќе ги мотивира, но на крајот на теренот одлуки носат фудбалерите, не може тренерот да ти кажува што да правиш“, вели Панчев.
Како по обичај Панчев повтори дека на СП ќе навива за селекциите од поранешната заедничка држава.
„Каква врска имам јас со Сенегал, Белгија, Америка…Нормално ќе навивам за Србија, ќе навивам и за Хрватска, да се тука ќе навивав и за Црногорците, Босанците, Словенците, нормално за Македонија. Уште во финале да играат Србија – Хрватска, ќе полуди регионот“, додаде Панчев.