Кошаркарскиот велемајстор Лука Дончиќ синоќешната победа на неговиот Далас маверикс на гости кај Атланта хоукс (148-143) ќе ја памети целиот живот бидејќи го одигра – мечот на кариерата!
Фантастичниот Словенец одигра феноменална партија, средбата ја заврши со 73 поени, со што им се приклучи на легендите Вилт Чембрлен и на Коби Брајант, кои се единствено со повеќе поени. Центарот на ЛА Лејкерс во далечната 1962 година постигна 100 поени против Њујорк, а Коби му даде 81 поен на Торонто во 2006 година во дресот на истиот тим. Третиот рекорд исто така му припаѓа на Чембрлен, кој постигна 78 поен против Лејкерси во 1961 година, а Дончиќ четвртото место на вечната листа на најдобри стрелци во НБА лигата го дели со Дејвид Томпсон, кој во 1979 година исто така постигна 73 поени.
Лука шутираше со неверојатни 25/33 од поле, од кои 8/13 беа за три поени, а на овој натпревар имаше и 10 скока и седум асистенции. Поради шоуто на Дончиќ, во сенка остана одличната игра на српскиот капитен Богдан Богдановиќ, кој средбата ја заврши со 24 поени (4/9 за три), четири скока, две асистенции и две украдени топки за 27 минути игра.