Кошаркарите на белградски Партизан дојдоа до 12-ата победа сезонава во Евролигата, откако по голема борба и со пресврт, на домашен терен го совладаа Жалгирис (81-72).
Гостите многу подобро го почнаа натпреварот и набрзо имаа двоцифрено водство (15-4), кое ја загрижи докрај исполнетата „Штарк арена“ во Белград. Тогаш се разигра Американецот Доужер, кој единствен беше расположен кај црно-белите, па со 15 поени само во првата четвртина не му дозволи на противникот да обезбеди поголема предност. Како одминуваше средбата, домашните ја намалуваа негативата, за во второто полувреме носени од навивачите направија целосен пресврт и стигнаа до посакуваната победа.
Доужер средбата ја заврши со 23 поени, четири асистенции и две украдени топки, а одличен беше и Зек Ледеј со 21 поен, додека Еванс вообичаено беше најдобар во екипата на Жалгирис со 25 постигнати поени.
Изненадување беше победата на Милано против Барселона (74-70), додека на останатите две средби, Валенсија како гостин ја совлада Басконија (77-62), додека Анадолу Ефес дома загуби од Монако (78-80).