Како што се ближи најважниот дел од сезоната, така и српскиот ас Никола Јокиќ ја подига својата форма и игра фантастично.
Ноќеска Денвер го победи Сан Антонио со 110-105, а српската суперѕвезда постигна 42 поена, 16 скока и 6 асистенции. Со тоа, Јокиќ стигна до 13.978 поени во НБА кариерата и стана трет стрелец во историјата на Нагетс, надминувајќи го легендарниот Кармело Ентони кој во деветте сезони во Колорадо постигна 13.970. Пред него се само Ден Ајсел со 14.659 и Алекс Инглиш со 21.645. Нема сомнение дека ако остане во Денвер, за неколку години ќе биде прв стрелец во историјата на Денвер.
Денвер го скрши отпорот на Сан Антонио дури во последните секунди иако во последната четвртина водеше и со 11 поени разлика (99-88). Во последната минута беше 105-105, а потоа Портер постигна тројка, Вембанјама не успеа да врати, а Јокиќ стави точка од линијата за слободни фрлања.
Бранхам постигна 24 поени, а одличен меч одигра и Вембанјама кој заврши со 23 поени, 15 скока, 8 асистенции и 9 блокади. Денвер го искористи киксот на Оклахома и сега е прв во Западната конференција, но со натпревар повеќе од Тандер и Минесота.
Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс извојуваа голема победа во дербито во НБА лигата, откако со 104-100 го совладаа тимот на Далас Маверикс.
Дури шестмина кошаркари на Вориорси имаа двоцифрен број на поени, а беа предводени од Ендрју Вигинс со 23 поени. Стеф Кари заврши со 13 поени и седум скока, Клеј Томпсон додаде еден поен повеќе, колку што имаше и Крис Пол. Муди постигна 12, а Грин помогна со 11 поени.
На другата страна се истакна Лука Дончиќ со 30 поени, 12 скока и 11 асистенции. Тоа беше неговиот дваесетти „трипл-дабл“ во сезоната. Поддршка му беше Кајри Ирвинг со 27 поени, а Пи Џеј Вашингтон постигна 20 поени.
По девет недели и рехабилитација од операција на коленото, Џоел Ембид се врати на паркетот и веднаш ѝ донесе важна победа на Филаделфија во дуелот со Оклахома 109-105.