Фудбалерите на Манчестер сити со победа на гости во Лондон се пласираа во осминафиналето од ФА купот, откако го совладаа тимот на Тотенхем минимално со 1-0, што беше нивна седма победа по ред во сите натпреварувања.
Тоа беше многу тврд натпревар во кој „граѓаните“ доминираа, но тешко се наоѓаше патот кон домашниот гол. Дефанзивецот Аке беше клучната фигура, откако погоди во 88. минута по еден од многуте корнери, но и по ситуација на која лондончани сметаа дека ѝ претходеше прекршок врз нивниот голман. Судијата веднаш покажа кон центарот, а неговата одлука беше потврдена и од ВАР собата.
Останатите три вчерашни средби завршија нерешено и ќе се преиграат. Челси против Астон Вила односно Бристол сити против Нотингем форест одиграа без голови, додека средбата помеѓу Шефилд вендзеј и Ковентри заврши 1-1.