Репрезентацијата на Северна Кореја за фудбалерки до 20 години е новиот светски шампион откако во големото финале минимално со 1:0 ја совлада селекцијата на Јапонија. До планетарниот трон, младите фудбалерки од Северна Кореја стигнаа убедливо, победувајќи на сите седум натпревари што ги одиграа.

Мундијалскиот поход го започнаа со убедливи триумфи во групната фаза над Аргентина (6:2), Костарика (9:0) и Холандија (2:0). Потоа следуваше победа од 5:2 против Австрија во осминафиналето, па триумф над Бразил со 1:0 во четвртфиналето.

По еден гол беше доволен и во полуфиналето против САД, како и во борбата за златото против Јапонија. Интересна беше реакцијата на коментаторот од Северна Кореја при постигнување на голот, кој на крајот се покажа дека е вреден за титула. За разлика од арапските и јужноамериканските коментатори, кои едноставно „полудуваат“ на головите, коментаторот од Северна Кореја погодокот го проследи како нешто најнормално.

 

Интересно е дека оваа титула на Северна Кореја не е изненадување бидејќи оваа репрезентација доминира во категоријата до У20. За нив ова е трета светска титула.