Интер ја пропушти можноста да се искачи на врвот од табелата во Серија А, откако во дуел од 4. коло едвај дојде само до реми на гости кај Монца (1-1).

Миланезите влегоа како голем фаворит во оваа пресметка, но тоа не го оправдаа на теренот, каде што домашниот тим со борбена игра успеа да им ги неутрализира сите адути во нападот. Потврда за тоа е фактот што „нераѕурите“ имаа само еден удар директно во голот на противникот и блага надмоќност во поседот на топката.

Португалецот Дани Мота во 81. минута ги израдува домашните навивачи со прекрасен гол со глава, но неговата радост траеше само седум минути подоцна, кога Дамфрис го изедначи резултатот.

 

Првопласиран тим во Италија во моментов е Наполи со девет бодови, по што следуваат Интер, Јувентус и Торино со по еден бод помалку, а шанса да биде лидер по четвртата рунда има Удинезе ако успее да слави на утрешното гостување кај Парма.