Интер апсолутно заслужено, дојде до победа со 1-0 во дербито на Италија против Јувентус и направи солидна предност пред торинскиот тим во борбата за шампионската титула.

„Нераѕурите“ беа многу подобри од својот ривал, но победничкиот гол, всушност, беше автогол. Во 37. минута Гати несмасно реагираше во својот шеснаесетник и со гради ја вметна топката во голот за водство на Интер, гол со кој домаќинот стигна до победа.

 

Во вториот дел домаќините имаа уште неколку изгледни шанси за зголемување на предноста, но голманот Шчесни спречи поубедлив триумф. Фудбалерите на Јувентус упатија само еден директен удар кон противничкиот гол.

Ова беше четврта победа по ред за Интер и сега има четири бода предност во однос на Јувентус и натпревар помалку.