Емил Рајковиќ тренерот на ЦСКА Москва, учествуваше на „драфтот“ во пресрет на Ол стар натпреварот од ВТБ лигата, заедно со својот колега од противничкиот табор Велимир Перасовиќ.
Двајцата ги бираа своите кошаркари за ревијалниот дуел закажан за 18 февруари во Москва, а Рајковиќ ја искористи ситуацијата за да им посочи на руските водители како е вистинското име на нашата нација.
„На вашата интернет страница забележав дека мене и Димитријевиќ не пишувате како Северномакедонци. Тоа не постои, новото име на нашата држава е Северна Македонија, но според меѓународните договори, ние по националност сме Македонци“, рече трофејниот стручњак.
Димитријевиќ требаше да настапи на Ол стар натпреварот, но одлучи да го прескокне тој настан и да се подготви за стартот на квалификациите за Европското првенство, односно дуелите против Естонија и Полска кон крајот на месецов.