Кошаркарите на МЗТ Скопје ја запишаа првата победа во новата сезона на АБА лигата, откако на свој терен беа подобри од Студентски центар со 92-79. Пресметката во СЦ „Јане Сандански“ понуди израмнет прв дел, но потоа „штрковите“ се одлепија и направија исчекор кон победата.
Средбата тргна изедначено, со игра кош за кош и ниту една екипа не се одлепуваше резултатски. Студентски центар прв дојде до поосетна предност од седум поени, а потоа аеродромци се вратија и со поен предност го завршија првиот период. Црногорците подобро ја отворија втората четвртина, поведоа пак и до пред крајот на полувремето имаа водство. На истекот на последната секунда од полувремето, Мајк Кафи ја „победи сирената“ и со тоа донесе предност од 47-46 на одморот.
Вториот дел тргна фуриозно, МЗТ отвори со одлична серија и експресно дојде до двоцифрена предност. Студентски центар немаше одговор за добрата игра и шутерското шоу на „штрковите“, па не успеваше да се врати резултатски до крајот на третиот период. Слично беше и во завршната четвртина, аеродромци продолжија да ја зголемуваат позитивата.
Највисоката предност беше 16 поени во корист на МЗТ Скопје, црногорската екипа не успеваше да се врати и на крајот го загуби дуелот во „Јане“. Најефикасен играч на средбата беше Мајк Кафи со 22 поени, додека Џексон со 17 се истакна кај Студентски центар.
Во следното коло екипата на МЗТ Скопје гостува кај Цедевита Олимпија на 29 октомври.