Интер го преживеа гостувањето кај Фиорентина и победи со 4:3. Во драматичен дуел полн со возбудувања, победникот беше решен со гол во 95. минута…
Последниот саботен натпревар од 11. коло на италијанската Серија А беше неверојатен, а Интер со гол во 95. минута ја победи Фиорентина на гостински терен со 4:3.
Интер водеше со 2:0 и 3:2, но секој пат домашните се враќаа. Барела и Лаутаро Мартинез погодија во втората и 15. минута за брзо водство на гостите од Милано од 2:0. Но, тогаш Артур Кабрал возврати од пенал во 33-та , а Џонатан Иконе во 60-та погоди за 2:2.
Аргентинецот Мартинез во 73. минута постигна уште еден гол за Интер од пенал за 3:2, а тој резултат беше активен до 90. минута, кога Јовиќ со волеј удар израмни на 3:3.
Сепак, епилогот се случи во 95. минута, кога домашниот играч Венути го погоди Мхитарјан при обидот да ја исфрли топката, а за жал на домашните навивачи, топката заврши во мрежата за победа на Интер со 4:3.
Интер со оваа победа направи мал скок на седмото место на табелата. Фиорентина остана тринаесетта.
Во недела се закажани натпреварите Удинезе – Торино, Болоња – Лече, Аталанта – Лацио и Рома – Наполи, додека во понеделник за бодови од прва лига се борат Кремонезе – Сампдорија и Сасуоло – Верона.