Фудбалската репрезентација на Јужна Африка го освои третото место на Африканскиот куп на нации, откако во „малото“ финале, дури по подобро изведување на пенали се радуваше против ДР Конго. Во текот на 90 минути, немаше голови. Двата тима повеќе внимаваа да не примат гол, отколку да гледаат да ја загрозат противничката мрежа.
Откако немаше погодоци во регуларниот дел, беше јасно дека победникот ќе се дознае по изведување на пенали. Уште во првата серија, во првиот удар промаши Мокоена за Јужна Африка. Потоа следуваа осум прецизно изведени пенали на двете страни, па кога дојде петата серија, Мбемба имаше шампионска шанса за ДР Конго.
Дефанзивецот на Олимпик Марсеј требаше да погоди и неговата селекција Конго ќе беше победник, но голманот на Јужна Африка одбрани и ја продолжи неизвесноста. Во шестата серија беа прецизни изведувачите од двата тима, а потоа беше клучната серија.
Јужна Африка даде гол за 6:5, а играчот за врска на Јанг Бојс, Елиа не го издржа притисокот и неговиот удар го одбрани Ронвен Вилијамс, па континенталната бронза оди кај Јужна Африка.