Веќе во првата минута од осминафиналето на Лигата на шампионите меѓу РБ Лајпциг и Реал Мадрид имаше спорна ситуација, која предизвика полемики на социјалните мрежи.

Словенечкиот напаѓач  Шешко ја погоди мрежата на Лунин, но неговиот погодок беше поништен. По упатената топка на играчот на РБ Лајпциг, убаво се гледа дека Шешко беше во дозволена позиција, но прво линискиот судија го подигна знаменцето, а потоа ВАР ја потврди таа одлука.

 

Единствена причина за поништениот гол може да биде само движењето на Хенрикс, кој во текот на цела акција беше во близина на гостинскиот голман.

Иако Словенецот не беше во недозволена позиција, беше проценето дека Бенџамин Хенрикс му пречел на голманот на Реал, Андриј Лунин.

Многумина беа збунети од оваа одлука на судиите во ВАР-собата, но Павел Фернандез за „Марка“ ја анализира оваа ситуација.

„Голот беше оправдано поништен поради офсајд на Хенрикс. Германецот не беше тој што шутираше, но јасно е дека му пречеше на голманот. Офсајд поради туркање на противникот”, изјави Павел Фернандез.