Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон славеше на пистата Лосаил. Тој ја освои Големата награда на Катар со над девет секунди предност пред најголемиот ривал оваа сезона, Макс Верстапен од Ред Бул, па така Британецот успеа да ја стопи разликата во генералниот пласман. Верстапен, пак, се избори да ја надокнади казната од пет места во стартната позиција поради непочитување на жолтите знамиња во квалификациската трка и наместо од втората, тој започна од седмата позиција. Сепак, на финишот Холанѓанецот се искачи втор на подиумот, а со поголемо заостанување на третото место се класираше Фернандо Алонсо, кој сезонава е во тимот на Алпине.
Трката за Големата награда на Катар измина без поголеми возбудувања на пистата, освен проблемите со гумите со кои се соочија возачите на пистата. На неколку круга пред крајот гумата им пукна и на Николас Латифи и на Џорџ Расел, кои сепак останаа во игра. Гумата беше кобна за Валтери Ботас од Мерцедес, кој мораше да ја напушти трката, иако беше трет се до 33-тиот круг од натпреварот. Неговиот болид не го издржа притисок, а на асфалтот „летаа“ искри, кои најдобро се забележаа од камерата на Алонсо.
На само уште две трки пред крајот на сезоната, Макс Верстапен во генералниот пласман останува на првата позиција, бидејќи во Катар како второпласиран освои 18 поени, но и бонус поен, затоа што го извозе најбрзиот круг. Тој сега има вкупно 351,5 бодови, а во врат му дише Луис Хамилтон со 343,5 поени. До крајот остануваат трките за Големата награда на Саудиска Арабија, на петти декември и за големата награда на Абу Даби, која ќе се вози на 12-ти декември.