Екипата на каталонскиот гигант Барселона синоќа одигра 1-1 со италијанскиот првак Наполи во првиот осминафинален натпревар од ЛШ и ги задржа шансите за пласман во следната фаза од елитното натпреварување.
„Каталонците дојдоа во водство со голот на Левандовски, но Осимен успеа да израмни и да ја сочува неизвесноста пред реваншот. Сепак, за синоќешниот дуел и голот на полскиот репрезентативец е врзан еден податок кој долго ќе ги мачи навивачите на Барселона.
Тој гол беше прв за Барса на натпревар од нокаут фаза во Лигата на шампионите по пауза од три години, односно по над 1.000 дена и воедно прв по ерата на Лионел Меси. Последниот го постигна токму Аргентинецот, на 10 февруари 2021 година, во ремито (1-1) против ПСЖ на Паркот на принцовите кога Барса беше елиминирана поради поразот од 1-4 на домашен терен. И на првиот меч на Камп Ноу погоди токму Меси што значи дека тој беше стрелец на последните два гола за овој тим.
Натпреварот во Париз беше последен за Барселона во нокаут фазата до синоќа бидејќи две сезони по ред испаѓаше во групната фаза од Лигата на шампионите. Годинава малкумина ја сметаат за фаворит за титулата и ако успее да дојде до трофејот, тоа ќе биде вистинско чудо.