Ова е неуспех во дуел со директен конкурент за втората европска виза од нашата група. Најголем фаворит во групата е Литванија. Со нас игра и Полска, но таа е надвор од конкуренција бидејќи има европска карта како еден од организаторите на ЕП.

Македонците играа добро во најголемиот дел од средбата, и во првото полувреме ни донесе предност со девет поени разлика (41-32). Тоа беше круна на одличната партија на нашите момци предводени од фантастичните Ненад Димитријевиќ и Итан Хап, заедно со одличниот во овој дел од мечот, Стојан Ѓуроски. Но, противникот по второто вакво наше водство, во финишот од вториот и почетокот од третиот период постигна 11 поени во низа и направи целосен резултатски пресврт (45-43) како најава.

 

 

Нашиот отпор траеше се до финишот од претпоследната четвртина кога последен пат бевме во водство (53-51). Естонците со серија 9-3 повторно дојдоа до водство, кое го задржаа до самиот крај. Гостите стигнаа и до двоцифрено водство (72-62), после повредата на Димитријевиќ. Тој стисна заби во финишот и проба да игра и со една нога, но не успеа да направи чудо заедно со соиграчите.

Популарниот Нено со 25 поени беше најпрецизен кај Македонија, каде што неверојатно деби имаше Хап со 18 поени, 10 скока и по четири блокади и украдени топки. Вене и Коцар со по 16 поени беа најпрецизни кај Естонија.

Во првиот меч од нашата група одигран синоќа, Литванија лесно ја преслуша Полска (83-64). Македонската селекција в понеделник им гостува на Полјаците, додека Естонците ја пречекуваат литванската репрезентација.