Лошиот старт на квалификациите за ЕП 2025 по поразот на домашен терен од Естонија (69-74), донесе грижи кај селекторот Александар Јончевски. Тој добро го имаше подготвено натпреварот, на крајот го решаваа ситници, но и повредата на нашиот најдобар кошаркар, Ненад Димитријевиќ.

Македонскиот стратег по дуелот се обиде да направи анализа на случувањата на теренот.

„Одигравме добро прво полувреме, ја контролиравме играта, но во третата четвртина противникот со цврста одбрана и подобар скок во нападот го презеде водството. Моите кошаркари играа со голема енергија, и одлично одговорија во вака тежок натпревар. Негативата од пет поени ни дава надеж дека може да ја надополниме во реваншот на гостински терен“, изјави Јончевски.

Тој изрази радост поради големиот интерес за овој натпревар и жал со играчите што не успеаја да ја израдуваат публиката.

„Жалам што овие гледачи не видоа позитивен крај на натпреварот.

Јончевски објасни зошто на теренот дебитираше Американецот Итан Хап наместо да игра неговиот сонародник Ти-Џеј Шортс, кој беше фантастичен во претквалификациите.

„Играта на Итан Хап не е изненадување за мене. Македонската јавност не го познава, но јас знаев дека е одличен играч и без посебни барања се согласи да игра за Македонија. Мислам дека имаме двајца одлични натурализирани играчи и одлично се вклопуваат во тимот, па во зависност од потребите ќе комбинираме со нив“, објасни веќе искусниот тренер.

 
Следен меч за Македонија е гостувањето кај Полска, закажано за в понеделник.

„И претходниот циклус го отворивме со пораз од Естонија, па потоа одлучуваа поени поради нашата победа против нив. Во реваншот в година ќе бидеме посилни и за Андреј Јакимовски, кој игра во одлична форма и ќе биде големо засилување за нас. Но, нема да се откажеме од победа на останатите натпревари, конкретно против Полска, следен чекор е пласман на Европско првенство“, истакна Јончевски.

Во нашата група е уште Литванија, која е голем фаворит за пласман на ЕП 2025. Полјаците како еден од домаќините се веќе пласирани, па останува за последниот билет да се борат Македонија и Естонија.