Екипата на Рома под водство на тренерот Даниеле Де Роси ја постигна петтата победа во последните шест меча во Серија А. Вечерва на домашен терен го надигра и го совлада тимот на Торино со 3-2 во 26. коло од италијанското првнество.
Избраниците на Де Роси останаа во игра за топ-4 и пласман во Лигата на шампиони, а на дуелот против Торино блескаше аргентинецот Пауло Дибала кој постигна хет-трик.
Аргентинскиот ас од пенал во 42. минута донесе водство од 1-0, а само две минути подоцна Торино конечно искористи една од своите шанси преку Запата за израмнување на 1-1.
Дибала на почетокот на вториот дел ги враќа Римјаните во водство од 2-1, а потоа го комплетира и хет-трикот против гостите. Сепак, Торино во завршницата од дуелот погоди за 2-3 и ја врати неизвесноста во судиското надополнување, но немаше сили и за трет погодок во мрежата на Свилар.
Рома е на шестата позиција со 44 бодови, односно четири помалку од четвртопласираната Болоња, додека Торино остана на 10. место со 36 бода.