Ракометарките на Македонија загубија убедливо од Шпанија со 19-31 во третото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2024 година.
По израмнетиот старт меѓу двете репрезентации, Шпанија создаде предност од четири гола, но набрзо Македонија се врати и намали на 5-6.
Шпанските ракометарки го одржуваа водството во продолжение од полувремето, иако Македонија не дозволуваше ривалот да избега на повисока разлика сè до 25. минута, по што следеше пад во играта на нашата селекција и тоа го искористи ривалот за да поведе со 17-11 пред паузата.
Македонија во второто полувреме не можеше да фати ритам и да ја намали негативата зад фаворитот, кој постојано доминираше на теренот и оствари триумф од 31-19.
Најефикасна кај македонската репрезентација беше Сара Ристовска со шест голови, а Јована Кипријановска додаде уште четири. Во победничкиот тим најрасположена ракометарка беше Кабрал Барбоса со седум голови.
Избраничките на селекторот Грчевски повторно ќе се соочат со Шпанија, овој пат на гостински терен во градот Ланзароте, а овој меч ќе се одигра на трети март.
Македонија во моментов е на втората позиција со четири бодови, односно два помалку од Шпанија, по што следат Азербејџан на трето место со два бода и Литванија без освоен бод.