Македонија го одигра првиот натпревар против Франција на стартот на Европското првенство во Македонија, Словенија и Црна Гора. Французинките извојуваа победа од 24-14 (12-5), играјќи добро само во одбрана, во дуел со многу технички грешки на двете страни.
Натпреварот го почнавме збркано и по две технички грешки Фопа и Тобланк донесоа 0-3 за Франција. Селекторот повика минута одмор во осмата минута, но половина полувреме Македонија не можеше да ја совлада Дарло. Во тој период Французинките ја зголемија предност до 0-5, покажувајќи кој е кој во овој дуел.
Јована Киријановска во 16. минута го скрши малерот и ги ослободи своите колешки од почетниот грч. Јована Мицевска со две одбрани ја подигна публиката, но бројот на нашите технички грешки беше преголем за да се парира против многу помоќен ривал.
Фаворизираната Франција играше бавно, се потпре на својата цврста одбрана и во последните седум минути од првиот дел влезе со предност од 7-3. Во не многу квалитетен и гледлив дуел, по првите триесет минути Македонија заостануваше зад Франција со 11-5.
Потпирајќи се на својата одбрана Франција ја одржуваше и зголемуваше предноста и во вториот дел. Тобланк и Хорачек погодија за +9, пред тајм-аутот на Крумболц во 39. минута. Јована Саздовска долго време беше единствена македонска ракометарка со повеќе од еден гол. Ристовска и Маџовска погодија во централната фаза за 20-10 во 46. минута. Савевски им даде шанса на ракометарките од клупата, а и Крумболц го изротира својот ростер. Така Франција без многу напор го приведе натпреварот кон крај за победа од 24-14.
Најефикасни во македонската селекција беа Јаневска со по четири и Саздовска и Ристевска со по три гола, додека кај Франција се издвоија Ласурс со четири и Тобланк, Заади и Хорачек дадоа по три. Според официјалната статистика, голманките Мицевска и Дарле го завршија мечот со по девет интервенции. Втор противник на нашиот национален тим ќе биде Холандија, во дуел кој се игра в понеделник попладне.