Кошаркарите на Бостон селтикс немаа милост за Далас маверикс (138-110) во еден од најинтересните дуели од НБА, со што уште еднаш покажаа дека се еден од најголемите фаворити за титулата во најсилната лига на светот.
На „телињата“ не им помогна ни Лука Дончиќ кој имаше уште една магична вечер, со нов трипл-дабл учинок. Словенецот даде се од себе, но не можеше да им парира целосно на расположените „келти“, кои најголем дел од работата ја завршија уште во првата четвртина. Дончиќ средбата ја заврши со 37 поени, 12 скока и 11 асистенции, додека Џејсон Татум со 32 поени, Џелејн Браун со 25 поени и Кристапс Порзингис со 24 беа предводници во победничкиот тим. Бостон сега има 47 победи во 59 меча сезонава, додека Далас го претрпе 26 пораз во 60 средби.
Јанис Адетокумбо имаше феноменална партија со 46 поени, 16 скокови и шест асистенции и беше најзаслужен за триумфот на Милвоки бакс кај Чикаго (113-97), додека кошаркарите на Голден Стејт вориорс дојдоа до 11-тата победа во последните 13 дуели, откако на гости го совладаа Торонто репторс (120-105). Стеф Кари со 25 поени беше прв стрелец на мечот и најзаслужен за победата на „воините“.
РЕЗУЛТАТИ: Детроит – Кливленд 100-110, Филаделфија – Шарлот 121-114, Бостон – Далас 138-110, Торонто – Голден Стејт 105-120, Мемфис – Портланд 92-122, Минесота – Сакраменто 120-124 (п), Њу Орлеанс – Индијана 129-102, Чикаго – Милвоки 97-113, ЛА клиперс – Вашингтон 140-115.