Македонскиот кошаркарски репрезентативец Ненад Димитријевиќ ја потврди одличната форма од репрезентацијата и во дресот на својот тим Уникс.
Во реприза на финалето од минатата сезона, тимот од Казан го победи Локомотив Кубан со 80-76 и го искористи вчерашниот пораз на ЦСКА со што се искачи на првото место на табелата во ВТБ лигата. Двете екипи имаат ист број бодови (50), но поради подобрата кош-разлика, Уникс е нов лидер.
Димитријевиќ повторно беше најдобар во својот тим и ја истакна својата кандидатура за МВП на сезоната. Особено фантастично играше во првото полувреме во кое постигна 18 од своите 23 поени и долго време беше без промашување од игра и од линијата за слободни фрлања. Далеку зад него остана Маркус Најт со 15 поени.
Во следното коло се среќаваат Уникс и ЦСКА и тоа ќе биде директен дуел за првото место по основниот дел иако има уште многу да се игра.