Тимот на Аталанта ја пречека Болоња во Бергамо во натпреварот од 27. коло на италијанската Серија А и ги разочара своите навивачи приредувајќи им мал шок, затоа што имаше водство по првиот дел, но на крајот загуби со 1-2 и остана без бодови.
Домаќините подобро го отворија натпреварот и тргнаа во посилна офанзива, а во 28. минута Адемола Лукман ја затресе мрежата на Болоња и донесе водство од 1-0 за својот тим. Водството Аталанта го задржа и на паузата, но потоа гостите заиграа многу подобро и режираа комплетен пресврт.
Избраниците на Тиаго Мота стартуваа во вториот дел со многу поангажирана игра и покажаа дека заслужено се наоѓаат меѓу четирите најдобри екипи во Италија. Болоња најпрво израмни во 57. минута преку Зиркзе, кој прецизно реализираше пенал, а комплетниот пресврт пристигна само четири минути подоцна. Водство за гостите донесе Шкотланѓанецот Луис Фергусон, кој биеше прецизно во 61. минута.
Аталанта продолжи со нападите и офанзивниот пристап, навивачите им дадоа голема поддршка на своите миленици, но Болоња беше исклучително сериозен и компактен тим и не дозволи нов гол во својата мрежа, триумфирајќи со 1-2. Болоња сонува за пласман во Лигата на шампионите и ја оствари шестата победа во низа.
Болоња сега има 51 бод, четири повеќе од петтопласираната Рома, додека Аталанта го доживеа вториот пораз во низа и останува на 46 бодови, на шестата позиција во Серија А.