Екипата на Милан  со минимална победа (1-0) над Емполи се искачи на втората позиција на табелата во Серија А со 59 бода.

„Росонерите“ не одиграа толку добро, меѓутоа Кристијан Пулишиќ се потруди да бидат освоени трите бода.

Второ коло по ред фудбалерите на Милан со само еден постигнат погодок запишуваат победа во Серија А. По триумфот на дербито со Лацио, со минималниот триумф барем до вечерва ја презедоа втората позиција на табелата од Јувентус, кој го чека дуел со Аталанта.

 

Пиоли одново комбинираше со својот стартен состав, Јовиќ доби шанса пред Жиру, а Пулишиќ пред Чуквуезе, а токму американскиот офанзивец беше херојот на „росонерите“. Поранешниот ас на Челзи и Борусија Дортмунд во финишот од првиот дел фудбалски се отвори, доби прецизна топка од Окафор и со удар од прва ја смести топката во посакуваната цел за голема радост на трибините и водство на Милан од 1-0.

Во вториот дел Емполи имаше нешто повеќе од играта, но беше далеку од загрозување на голот на Мањан и трите бода заслужено останаа во Милано. Во следното коло Милан гостува кај Верона, додека Емполи пред својата публика ќе го пречека тимот на Болоња.