Ова е прв пласман на „топчиите“ во четврт-финалет од елитното натпреварување по пауза од дури 14 години, до кој дојдоа со триумфот од 1-0 по 120 минути одиграни во Лондон. Стрелец на злато вредниот гол за премиерлигашот беше Тросар уште во првото полувреме по одличната асистенција на Одегард, по што следуваше рововска битка, која кулминира со удари од белата точка.
По две шанси на домаќинот, фудбалерите на Порто конечно успеаја да се ослободат од притисокот и веднаш влегоа во гол-шанса. Првиот удар кон домашниот гол го испрати Еванилсон, но Раја одбрани. Следуваше период на мирна игра на двете страни, но до самиот финиш на полувремето, кога норвешкиот фудбалски ас Мартин Одегард уште една покажа за каков фудбалски мајстор станува збор. Поранешната голема надеж на Реал Мадрид, а сегашен капитен на Арсенал, имаше неверојатна асистенција по која неговиот тим поведе со 1-0.
Во 41. минута Одегард испрати перфектно додавање до Тросар, а Белгиецот рутински ја погоди целта и ги израдува фановите на трибините. За Одегард ова беше прва асистенција во Лигата на шампионите оваа сезона, додека Белгиецот го постигна третиот гол во ова натпреварување.
Вториот дел започна со доминација на домашните фудбалери и големо возбудување пред голот на Порто. Асистентот на првиот гол, Одегард во 68. минута ја затресе противничката мрежа, но неговиот гол беше поништен пореди претходен прекршок на Хаверц над Пепе. Артета бурно реагираше по поништениот гол, но Турпан не само што не ја промени својата одлука, туку и му додели жолт картон на шпанскиот стратег.
Во самиот финиш Арсенал со сите сили тргна по нов гол, а најголемата можност за тоа ја испушти нововлезениот Габриел Жесус, кој од непосредна близина не успеа да го совлада вечерва одличниот Коста, па дуелот во Лондон влезе во дополнителни триесет минути.