Актуелниот шпански првак Барселона го совлада Наполи со 3-1 (2-1) во реванш осминафиналето во ЛШ. Младите надежи на Чави Хернандез покажаа карактер, стрелец беше 20-годишниот Фермин Лопез, стартер беше 16-годишниот Ламин Јамал, а за играч на натпреварот беше прогласен Пау Кубарси кој има само 17 години.
Новиот „бисер“ на Барселона по натпреварот не го криеше задоволството и скромно зборуваше за големото признание на својот прв старт во Лигата на шампионите.
„Искрено, ова е еден од моите најдобри денови во животот. Се пласиравме во четвртфиналето по неколку тешки години за Барселона. Многу сум среќен што го добив признанието играч на натпреварот, но целиот тим го заслужи тоа. Излеговме на теренот со мислите само на победа и на крајот излезе како што посакувавме. Сплотени сме и среќни за тоа што го постигнавме. Притисокот го претворивме во амбиција и дадовме свој максимум“, изјави Кубарси.
Пофалби на сметка на младиот талент кој блесна против „партенопеите“ пристигнаа и од тренерот Чави Хернандез, како и од капитенот Серхи Роберто.
„Пау имаше ерупција на својот талент, а тоа е добро за Барселона и Шпанија. Константно бара видеа за да учи, да се развива и подобрува. Има фантастично организиран и чист мозок, скромен е и многу работи, за мене тој е – чудо“, изјави Чави.
„Пау Кубарси е неверојатен. Тој навистина беше најдобар на теренот. На тие години, едноставно не запира да нè изненадува. Достигнувањето на четвртфинале со играчи како него, деца на Барселона – се надевам ќе останат засекогаш. Скромни, талентирани и работат напорно – тоа е начинот на Ла Масија“, смета капитенот Роберто.
Барселона се врати во четвртфиналната фаза на Лигата на шампионите по четири сезони, а в петок ќе го дознае својот ривал.