Фросиноне ниту во шестиот натпревар не успеа да слави против Лацио, иако можеби беше најблиску до тоа. Римскиот гигант, по смената на Маурицио Сари им се врати на победите во Серија А и по трите порази во низа освои важни три бода со кои направи скок на табелата и остана во игра за излез во Европа следната сезона.

 

Тимот кој што наскоро ќе го добие новиот тренер, Игор Тудор, рано дозволи домаќинот да поведе со 1-0. Лирола уште во тринаесеттата минута донесе радост на трибините, но Закањи пред крајот на полувремето израмни на 1-1.

Во вториот дел Лацио ги презеде работите во свои раце, а Кастељанос за првпат во кариерата во Серија А постигна два гола на еден натпревар и на Лацио му донесе комотни 1-3. Аргентинскиот ас за лацијалите погоди во 57. и 62. минута, а во игра влезе само една минута пред да го постигне првиот гол. До крајот на натпреварот Фрозиноне преку Чедира успеа само да го ублажи поразот.

Во следното коло Лацио го игра големото дерби со Јувентус, на кое се очекува да дебитира Тудор, додека Фрозиноне излез од кризата и опасната зона ќе бара против Џенова.