Супер“ Марио го уништи Партизан во преполната Штарк Арена, Реал се прошета низ Белград. Марио Хезоња иако тврди дека е голем навивач на Партизан, одигра без грам емоции и тотално го уништи актуелниот АБА шампион.
Реал Мадрид полесно од очекувањата триумфираше во Белград со 88-76 а лидер беше хрватскиот репрезентативец кој имаше своја вечер во Арена. Партизан беше рамноправен до три минути пред крајот на третата четвртина кога и водеше со 54-52, а потоа следуваше серија од 16-0 на Реал со која шпанскиот тим го сврте резултатот во своја корист 68-54 по 30 минути игра и ги реши сите дилеми околу победникот. До крајот Партизан не успеа да се доближи на едноцифрена негатива.
Иницијатори на таа серија беа Кампацо и Хезоња, првиот ги разигра своите соиграчи, а вториот погодуваше од секоја позиција. Хрватскиот крилен играч го заврши натпреварот со 25 поени, 6 скока и 4 асистенции, а зад него беше Дек со 13 поени. Кај Партизан, Камински беше најефикасен со 21, а Пантер додаде 16 поени.
Со оваа победа, Реал го обезбеди првото место на крајот од официјалниот дел од сезоната, а Партизан има уште три кола да се избори за десеттото место кое сега го дели со Анадолу Ефес, а може да го загуби ако Валенсија го победи Монако.