МЗТ Скопје со лесна и убедлива победа го почна плејофот. Кошаркарите на МЗТ без проблеми дојдоа до првиот триумф во четвртфиналната плејоф-серија против Гостивар (87-68), која првпат се игра до три победи.
Аеродромци покажаа доминација и ја потврдија големата разлика во класи, а победникот беше решен уште по првите пет минути во кои резултатот на семафорот беше 11-0 во корист на домашната екипа. Највисоко водство на сино-белите, достигна плус 19 (45-26) во првото полувреме и највисоката разлика од плус 25 (77-52) во последната четвртина.
Душан Танасковиќ со 21 поен и девет скока и Марко Баковиќ со 14 поени и 13 скока беа најрасположени во тимот од Аеродром, додека Американецот Колин Слејтер со 22 поени беше најефикасен кај Гостивар.
Останатите три четврт-финални серии се во сабота Работнички и Феникс (18 часот), Пелистер и Еуро Никел (19 часот) односно Чаир 2030 и ТФТ (21 часот).