Бостон Селтикс изедначија во серијата на Источно финале против Мајами Хит на 2-2 со убедливата победа од 102-82 во четвртиот натпревар во нивниот ТД Гарден. Селтикси покажаа зошто се најдобриот одбранбен тим во лигата.
Мајами шутираше мизерни 33% надвор од игра, а неговата стартна петорка постави рекорд во НБА во неефикасност.
Сите пет стартери заедно, вклучувајќи ги и Ол-стар играчите Џими Батлер, Кајл Лоури и Бам Адебајо, имаат постигнато вкупно 18 поени, најмалку во плеј-офот од 1971 година откако се следи кој стартувал во првите пет. Мајами го немаше ниту вообичаениот придонес од клупата на Тајлер Херо, кој го пропушти натпреварот поради повреда. Само Виктор Оладипо со 23 поени им пружи одреден отпор на домаќините.
Џејсон Тејтум заврши со 31 поен, а ниту еден од неговите соиграчи не постигна повеќе од 14, а немаше ни потреба. Совршено завршената работа во одбраната беше повеќе од доволна за да се изедначи серијата.
Петтиот натпревар се игра во Мајами ноќта меѓу среда кон четврток, а шестиот во Бостон два дена подоцна. Во можна мајсторка, домаќин повторно би бил Хит во ноќта од недела до понеделник.