Уште една блескава партија имаше српскиот центар Јокиќ, а историски натпревар одигра француското „чудо од дете“ Виктор Вембанијама.
Кошаркарите на Денвер нагетс по серијата од три порази, конечно, врзаа две победи во НБА лигата, откако синоќа како гости убедливо го совладаа Портланд трејлблејзерс (127-112) со што дојдоа до скор 38-19 и направија чекор кон самиот врв од Западната конференција.
Најзаслужен за овој триумф, очекувано, беше српскиот интернационалец, Никола Јокиќ, кој средбата ја заврши со 29 поени, 15 скока и 14 асистенции. Поефикасен од него беше неговиот соиграч Портер кој постигна 34 поени, имаше и 12 скокови, додека најдобар кај Портланд беше Грант со 25 поени.
Екипата на Сан Антонио спарс го загуби десеттиот во последните 11 одиграни натпревари и тоа на гостувањето кај ЛА Лејкерс (118-123). Без разлика на неуспехот, средбата ќе биде запаметена по остварувањето на дебитантот, Виктор Вембањама. Тој ноќеска стана најмладиот играч во НБА што имал најмалку по пет поени, скокови, асистенции, блокади и украдени топки. Француското „чудо од дете“ средбата ја заврши со 27 поени, 10 скока и осум асистенции.
РЕЗУЛТАТИ: Атланта – Торонто 121-123, Филаделфија – Кливленд 104-97, Хјустон – Феникс 114-110, Мемфис – ЛА Клиперс 95-101, Њу Орлеанс – Мајами 95-106, Оклахома – Вашингтон 147-106, Голден стејт – Шарлот 97-84, Минесота – Милвоки 107-112, Портланд – Денвер 112-127, ЛА Лејкерс – Сан Антонио 123-118.