Фудбалерите на саудискиот Ал-Наср од Ријад, се пласираа меѓу осумте најдобри во азиската Лига на шампиони. Во осминафиналниот натпревар го совладаа поранешниот клуб на нашиот Александар Трајковски, Ал-Фејха со 2-0 (1-0).
Домашниот состав на Ал Наср имаше многу повеќе од играта и сосема заслужено стигна до триумфот, а повторно во листата на стрелците се запиша португалскиот ветеран Кристијано Роналдо, кој го постигна 27-иот гол сезонава. Португалската суперѕвезда стави точка на победата со голот во 86. минута, а во првото полувреме гостинската мрежа ја затресе неговиот сонародник Отавио.
За Ал-Наср ова беше трета победа во низа, а во четвртфиналето ќе се судри со тимот на Ал-Аин од Обединетите Арапски Емирати. Првиот натпревар е закажан за трети март, додека реваншот ќе се одигра осум дена подоцна.