Оклахома Сити Тандерс го освои првото место во Западната конференција на НБА, на крајот од основната сезона откако во клучниот меч буквално го разнесе тимот на Далас.
Тандер славеше со огромни 49 поени разлика (135-86) за 57. победа во сезоната, исто колку што има и Денвер, но поради подобриот биланс во меѓусебните дуели, заврши на челната позиција. Минесота загуби во последниот меч на домашен терен и тоа му овозможи на ОКЦ да го освои првото место. Со тоа, Оклахома стана најмладиот тим во историјата на НБА кој завршил како првопласиран во конференцијата, а најинтересно е тоа што на овој му претстои фантастична иднина затоа што во следните пет години има дури десет пика во првата рунда на драфтот.
За Далас натпреварот немаше никакво значење бидејќи уште претходно беше познато дека не може погоре од петтото место, па затоа не играа Лука Дончиќ и Кајри Ирвинг. Во такви услови, сите кошаркари на Оклахома добија минутажа, а најефикасни беа Гилџес-Александер и Проспер со по 15 поени. Кај Мавс, Вилијамс постигна 22.
Оклахома за неколку дена ќе го дознае својот противник во првата рунда од плејофот бидејќи ќе мора да ја чека разврската во плејинот. Далас, пак, ќе се сретне со Лос Анџелес Клиперс и нема да ја има предноста на домашениот терен. Добитник од последниот ден на основниот дел од сезоната е Феникс кој славеше убедлива победа кај Минесота и го искористи поразот на Њу Орлеанс од Лејкерс, па обезбеди директен пласман во плејофот, како шестопласиран на Западот.