Екипата на Тиквеш од Кавадарци со победата против Шкупи на пенали со 5-3 се пласира во првото финале во клупската историја во Купот на Македонија, каде што ќе има пресметка со Воска Спорт која претходно ја елиминира Македонија ЃП.
Напаѓачите на двете екипи не беа прецизни во текот на регуларните 90 минути, иако се заканија по неколку пати на двете страни. Луан Силва се обиде двапати во првиот дел, а имаа шанси и Карчевски и Робертињо.
Шкупи во завршницата влезе во налет кон голот на кавадарчани, но Тиквеш успешно се бранеше и го издржа притисокот на екипата од Чаир, по што победникот се решаваше по изведување на удари од белата точка.
Дарко Илиевски беше несреќниот фудбалер кај Шкупи кој не реализираше удар од белата точка на почетокот на пенал-рулетот, по што Тиквеш триумфираше со 5-3.
Тиквеш во финалето на Купот на Македонија во битка за трофејот ќе игра против Воска Спорт.