Тимот на Барселона беше елиминиран од ПСЖ во четвртфиналето на Лигата на шампиони, а трагичар во реваншот беше уругвајскиот стопер Араухо кој доби црвен картон во 29. минута.
Дефанзивецот синоќа беше исклучен и го остави својот тим со човек помалку против францускиот шампион, што резултираше со пораз од 1-4 и елиминација од елитното европско натпреварување.
ПСЖ го искористи исклучувањето на Араухо и постигна четири гола во мрежата на Тер Штеген и ја „нокаутира“ Барселона.
„Барселона одигра добра сезона во Лигата на шампиони и следната година ќе се обиде повторно. Со 10 играчи е тешко да се соочиш против ПСЖ. Фудбалот кој ни дава многу убави работи, сега ме удри силно. Жал ми е поради поразот од ПСЖ, но ветувам дека ќе бидам подобар и ќе се бориме за титулата повторно“, кажа Араухо.
Откако беше испратен во соблекувалната, Араухо направи гест со раката кој многумина не можеа веднаш да го протолкуваат.
Гестот на Уругваецот, го истакна и Фабрицио Романо на својот профил на „X“, а неговите следбеници го поставија прашањето за значењето на тој потег. Некои англиски медиуми донесоа појаснување, а се работи за гест со рака што укажува на кражба.