Медиумите во Шпанија зборуваат за наводен раскол во тимот на Барселона, предизвикан од елиминацијата од ЛШ и изјавите по мечот со ПСЖ.
Во главна улога се Илкај Гундоган и Роналд Араухо, Германецот го посочи стоперот како главен виновник за поразот поради црвениот картон што го доби, потоа следуваше одговор, а кулминацијата на сето ова најверојатно ќе се случи во текот на летото. Наводно, веќе е постигнат договор за трансфер на Араухо во Баерн Минхен и покрај тоа што до неодамна, многумина го гледаа уругвајскиот репрезентативец како иден капитен на тимот.
Баерн одамна е заинтересиран за 25-годишниот дефанзивец, Барселона досега не сакаше ни да преговара, но неколку големи натпревари покажаа значителни слабости во играта на Араухо. Тој беше исклучен и во дебаклот на Барселона (1-4) во финалето од Суперкупот од Реал во јануари, а често на важни натпревари не е на потребното ниво.
По се изгледа расположението против Араухо се зголеми откако стандарден член на првиот тим стана тинејџерот Пау Кубарси кој е производ на Ла Масија и во кого клубот гледа долгорочно решение на стоперската позиција. Од Араухо во моментов може добро да се заработи, според информациите околу 70 милиони евра, што би била значајна сума во обидот за финансиска консолидација на клубот.