Провокаторот, аргентинскиот голман Мартинез е херојот на Вила, Лил по изведување на пенали е елиминиран во КЛ!
Јусуф Јазичи и Бенџамин Андре беа стрелци за домашниот тим, но тоа беше недоволно за триумф во регуларните деведесет минути. Астон Вила имаше повеќе од играта во продолженијата, но сепак мораше да чека на триумфот до пенал-рулетот.
Херој на англискиот тим беше Аргентинецот Емилијано Мартинез, кој за момент потсети на пенал-серијата од финалето на Светското првенство во Катар и со низа провокации успеа да ги деконцентрира домашните играчи, а воедно одбрани и два удари од белата точка.
Фиорентина исто така немаше лесна задача и дури во продолженијата успеа да го скрши отпорот на Викторија Плзен. „Виолетовите“ имаа играч повеќе од 66. минута (исклучен беше Бразилецот Каду), но не успеаја да го отворат резултатот во регуларните деведесет минути.
Притисокот на домаќините конечно вроди со плод во 92. минута, кога стрелаше Николас Гонзалез, а конечните 2-0 беа дело на Кристијан Бираги, кој погоди шеснаесет минути подоцна и обезбеди пласман за својот тим во полуфиналето. Ова е уште еден голем успех за италијанскиот тим кој две години по ред обезбедува пласман помеѓу четирите најдобри екипи во Конференциската лига.
Аргентинецот беше еден од хероите, со два одбранети пенали. Мартинез, кој доби жолт картон во регуларниот дел од натпреварот поради задржување време, доби втор жолт во пенал-серијата поради провокации, откако го одбрани првиот пенал на Лил.
Тој беше непријатно пречекан во Лил, затоа што беше важен фактор во победата на Аргентина во финалето на Светското првенство над Франција.
И покрај тоа што доби втор жолт картон, тој избегна исклучување поради малку познато правило. Жолтите картони се бришат на почетокот на пенал-рулетот, што значи дека Мартинез може да остане на теренот до крајот на натпреварот.