Специјализираниот фудбалски сајт „Трансфермаркет“ имаше интересно истражување при што дојде до заклучок дека српскиот напаѓач Александар Митровиќ моментално е најдобар напаѓач во светот оваа сезона.

Направена е анализа која ги опфати десетте најдобри лиги на планетата, вклучувајќи го и првенството на Саудиска Арабија, а се броеа головите во сите натпреварувања како и за националната селекција. Кога сѐ ќе се  собере и повлече линија, на првото место неочекувано се најде голгетерот на саудискиот Ал Хилал. Најдобриот српски напаѓач сезонава одигра 30 натпревари и постигна 27 голови.

Зад него е Хари Кејн, кој во дресот на Баерн Минхен постигна гол помалку, а Кристијано Роналдо има две реализации помалку во дресот на Ал Наср. Килијан Мбапе, пак, стигна до 24 погодоци на 24 настапи за ПСЖ, додека Ерлинг Холанд 22 гола на 26 настапи. Покрај сето тоа, Митровиќ запиша и четири асистенции, а на теренот во дресот на Ал Хилал во просек поминуваше по 81 минута.